Како дел од тековниот Еразмус+ проект на нашето училиште, група ученици со нивните наставници го посетија градот Кошице во Словачка, на групна мобилност на ученици. По пристигнувањето беа пречекани од наставници и ученици од училиштето домаќин. Учениците се запознаа меѓу себе, а наставниците дискутираа за претстојните активности. Нашите ученици во училиштето домаќин беа дел од активности за запознавање и соработка со учениците од Кошице. И едните и другите извршија презентации за претставување на Македонија и Словачка. При разгледувањето на културните и историски места во градот беа воодушевени од убавината на најстарата катедрала во Европа, Св.Елизабета. Беше изведена еднодневна прошетка низ планините Татра, каде го посетија Попрадското езеро на околу 1500 м надморска височина. Групата уживаше во убавите пејзажи, избалансираниот ЕКО-систем и убавините на националниот парк. Учениците потоа се спуштија по планината и го посетија и Штрбско езеро. Беше изведена и активност во вид на Скевинџер хант, која се реализираше во центарот на Кошице и чија цел беше да се запознаат со најголемите знаменитости на градот и со дел од нивната историја и симболика. За таа цел учениците од двете земји соработуваа, истражуваа и активно комуницираа. Играта беше и од натпреварувачки карактер и придонесе за развивање на компетитивните и истражувачките способности на учениците. Последниот ден од групната мобилност во Словачка започна со посета на ботаничката градина во Кошице, каде учениците имаа можност да видат најразлични растителни видови. Исто така ја посетија изложбата на пчелари и пчеларски производи. Го проследија процесот на изработка на восочни фигури и предавањето за важноста на пчелите во одржливоста на ЕКО-системите во светот, а потоа учествуваа во работилница за изработка на восочни фигури од пчелин восок. На крајот, на наставниците и учениците од Македонија им беа врачени сертификати од страна на училиштето домаќин, за успешно спроведената мобилност.